top of page

КИРЕ ГАВРИЛОСКИ ЈАНЕ – БИОГРАФИЈА

Рани години

  Гаврилоски е роден во Прилеп на 22 февруари 1918 година како трето дете во семејтвото на Сава и Алекса Гаврилоски, кои, покрај Кире, ги имаа и постарите деца, Весела и Борка, и подоцна родените, Љубица, Ружа и Загорка.

   По завршувањето на четвртата година во Гимназијата во Прилеп, станал трговски помошник и во тој период се вклучил во работничкото движење во Прилеп. Гаврилоски произведувал јаболка во овоштарникот што го наследил од татко му, а ги продавал дури и во Загреб.

         Тој празните сандаци кога ги враќал за Прилеп, редовно ги полнел со брошури и книги со револуционерна содржина. Таму се поврзал со прогресивна младина, претежно македонски студенти.

       Во март 1939 година заминал да служи воен рок од 2 години во Скопје, кој поради почетокот на Втората светска војна не успеал да го дослужи.

Вклучување во НОБ

    По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија, Гаврилоски активно се вклучил во револуционерната дејност.

   На 13 јули 1941 година бил межи првите прилепчани кои биле уапсени од страна на бугарската окупациона полиција. Таму бил притворен две недели. Кога на 11 октомври 1941 година започнало вооруженото востание против окупаторите на Македонија, во Прилеп следниот ден имало апсења од страна на полицијата. Гаврилов бил уапсен и брутално мачен.

   Еден месец по излегувањето од затвор, поради атентатот на Коце Ќурчија, Гаврилоски повторно бил уапсен, но овој пат одлежал во Битола. По пуштањето од затвор, од месниот Комитет добил препорака да дејствива на село. Тогаш го добил прекарот Јане и дејствувал во Поречието. Одвреме навреме одел во Прилеп да реферира, да добива директви и да испраќа извештаи.

     Откако во поречките села била воспоставена добра организација, Гаврилоски бил испратен во селата југозападно од Прилеп, во пелагониските села до крушевско и битолско. Одржувал врски со одредот „Димитар Влахов“ и учествувал во борби околу селата Дреновци, Горно Село и Дабница.

    Од 16 септември 1942 година преминува комплетно во илегала и дејствува во партизанските одреди. Во 1943 година станал обласен член на комитетот во Битола.

    За време на првото ослободување на Кичево, во септември 1943 година, станал секретар на Срескиот комитет во Кичево.

Смрт

        Во мај 1944 година во Прилеп остварил средба со Круме Волнароски и со други делегати, со цел да се создаде фронт за ослободување на Македонија. По средбата Гаврилоски и Волнароски останале во куќата, каде што бил состанокот.

       Бугарската полиција дознала за средбата и ја опколила куќата. По повиците да се предадат или куќата ќе биде запалена, Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај. Волнароски бил погоден на кужниот праг, но Гаврилоски не се предавал и извикувал антифашистички пароли.

    Куќата била запалена, а Гаврилоски низ пламените пукал кон полицијата. Последниот куршум го чувал за себе. Погинал на 9 мај 1944 година, а за народен херој на Југославија бил прогласен на 11 октомври 1951 година.

      За нивната смрт е обвинета и осудена на смрт Вера Ѕвездова, која ги предала Кире Гаврилоски – Јане и Круме Волнароски – Коле на бугарските власти. Смртната пресуда на Воениот суд на Битолската воена област е извршена во пролетта 1945.

timthumb-1.jpg
bottom of page